Комшиски вакцини

Стигнуваат првите вакцини од Србија. Кој ќе им објаснува на Бугарите дека нив ги сакаме повеќе?
Пишува: Катерина Топалова
Конечно плод на здравствената дипломатија. Најавите од декември ќе се реализираат во февруари. Првите вакцини пристигнуваат на Табановце, ни помалку ни повеќе од официјален Белград.
Србија сфати дека ако не ги даде одеднаш, нашите еден по еден ќе си ги земат сами, па најави свечено примопредавање.
Правевме отпор кон се што не е Запад, чекавме реализација на нивни ветувања па наместо надеж на народот му се сервираше разочарувања. Ни беше важно да покажеме лојалност кон „партнерите“, да им кажеме дека ќе умреме ама од друг вакцини не земаме.
За некој месец стана јасно дека чекањето со скрстени раце ќе направи само нов дебакл. Прва се понуди Бигарија дека ќе ни даде вакцини, па откако почна бранот на понижувачки изјави од тамошните братски политичари, настапи молк.
Следна најава беа вакцините од Србија. Откако се испосликаа стана јасно дека не се надминати сите процедури за да може да се делат вакцини низ земјите.
Ете ги, изгледа сега се најблиску до нас. Но сакал-не сакал, нашиот политички врв покажува едно бавно вртење на другата страна, покажување инат и револт кон посакуваниот Запад кој не заборави. Ќе запреме по вакцините или ќе играме на сите страни?
Имаме ли нова политичка агенда или ад хок правиме стратегија?
Убаво е ако е првото, ако не тоа е знак на покажување нова сервилност и немоќ пред соседите.
Но во „врската“ Бугарија одамна се покажа како љубоморен партнер, па ризикот е гестот со вакцините да не се сфати како нов флерт со бившиот дечко кој може да донесе нова драма.
Дали зацементирано закочените односи со официјална Софија покажуваат нова искра со помош на вакцините?
Излегуваме на прав пат или влегуваме во нова темница меѓу два соседа?