Немање стратегија е нашата стратегија

Ќе набавиме вакцини! Ќе почнеме преговори со ЕУ! Ќе го спасиме Охрид да не стане светско наследство во опасност! Ќе направиме канализации! Кога неспособноста ја ставате под превезот на зборот „стратегија“, тоа значи дека немате никаква стратегија!
Пишува: Катерина Топалова
Соседството се вакцинира. Ние анализираме колку згрешиле што земале вакцини од Кина, од Русија, што не ги набавиле сите од Фајзер, оти таа најквалитетна излезе. На чаршиски муабети се сведува секоја сериозна тема која е од животно значење за граѓаните.
Дадовме аванс, ни ја потврдија првата пратка, ни ветија вакцини, рекоа ќе ни отстапат…нашиот народ се боцка со се освен со вакцини! Оти нив ги нема! Ни купените, ни подарените, ни ветените не стигнуваат! Оти нив ги нема! Оти нема стратегија одамна! Оти на избори излегуваме да гласаме луѓе кои ќе направат стратегија за да носат одлуки! Единствени што ги донесоа во овие 30 години се погубните, оние кои не носат секој ден во подлабоко дно!
На големо се продаваат аранжмани за летен одмор, екскурзии, празнични куси патувања… се тоа убаво, ама со ваква стратегија пак ќе си ги лајкуваме сликите од Дојран и од Пониква, оти подалеку тешко дека некој ќе не пушти да поминеме.
Оваа пандемија покажа дека изолација не е само да сте држава која со децении моли да влезе во друштво на земјите од континентот на кој географски се простира, туку дека изолацијата е кога ќе ви ги затворат границите и ќе ве блокираат бидејќи сите други не се чувствуваат безбедно во ваше друшто. Сега не само што сме сиромашни и некадарни да си ги решиме домашните и проблемите со соседите па бараме ЕУ да ги почне преговорите со (полу)отворени прашања, туку сме опасни по нивното здравје ако сме им во близина!
Сите наши досегашни влади ни ветуваа почеток на преговори со ЕУ, некои дури два пати ги почнаа и преговорите, се додека третиот не сфативме дека всушност преговорите се далеку од почнување!
Ама ако, тие нас не омаловажуваат, ние ќе си го повлечеме Охрид дома. Нема што да стои на некоја си светска листа на УНЕСКО. Охрид е наш! И Струга е наша! И ние ќе си градиме и рушиме кога сакаме и колку сакаме!
На една средба со еден градоначалник ни кажа анегдота. Вели, бевме на состанок, сите градоначалници во Влада. Низ разговор премиерот му напомена на Рамиз Мерко дека и тој е граѓанин на РМ и ќе мора да ги почитува законите. Тогаш Мерко ги потсетил дека РМ во Струга значи РАМИЗ МЕРКО!
Тоа е таа стратегија полна со анегдоти кога всушност и не се само анегдоти туку можност наместо да заплачеме, да се насмееме пред вистината!
УНЕСКО може да запишува колку сака и кога сака, ниту им се секираме, ниту ни е гајле!
За крај, во Штип санираа шахта! И тоа одеше во централни вести на локална телевизија! Не е срамно тоа што се емитувало, прашањето е колку им тежело и им создавало мака на штипјани за ова да биде вест во прајм тајм!