За жената и сите нејзини права

Зошто воопшто би дебатирале околу силување? Жената може и гола да шета по улица, тоа е нејзина работа и никој нема право да ја допре доколку таа не сака!
Пишува: Катерина Топалова
Медиумскиот развод на поранешен директор на државна институција и силување на актерка од соседството деновиве се храна за љубопитните очи кои „скролаат“ по интернет страниците.
Новинари не се, но кој и да ги полни тие сајтови и да ги (пре)пишува тие текстови навистина се труди тоа да биде и редовно и навремено. Па така секоја промена што ќе ја направи директорот на својот фејсбук профил е пренесуван низ медиумите. За неговата сопруга има информација и кога последен пат посетила фризер. Под текстовите стотици коментари, кои за утеха на несреќниот директор, дел за навреди на жената која одлучила да изгледа провокативно, да користи повеќе козметика и да изгледа така како што сака. Тоа што излегува од рамката на многумина ги „богати“ интернет сајтовите со кликови и развива една крајно ниска дебата во која се упатуваат лични навреди најчесто за жената. Во многу од нив таа е навредувана исклучиво заради изгледот.
А како треба да изгледа една жена? Кој ја гради рамката за изгледот на жената во едно општество?
Втората и пострашна информација што предизвика лавина коментари е обвинението на српска актерка дека била силувана од својот учител. Читателите се дрзнат да одат до таму што оставаат коментари дека тоа го заслужува, дека актерките сами си го бараат, дека провокативно се облекуваат и однесуваат…
Какво општество сме ние? На каков срам се изложени жените кои излегуваат од сфаќањата на повеќето?
Кој е аргументот со кој се оправдува чинот на силување?
Каде се движат општетствата кои наоѓаат зборови за да ја оцрнат жената која собрала храброст да не молчи и да ја бара правдата, да живее по свое?
Жената не е само нечија ќерка, мајка, сопруга, баба, вника… Жената е жена, човек, битие, со разум и желби, со моќ и заслужува да биде почитувана. Жената не смее да биде етикетирана тогаш кога другите ќе одлучат дека на себе си го прави тоа што тие сметаат дека е погрешно! Жените не смеат да бидат малтретирани зашто се само физички послаби! Жените не смеат да бидат во втор ред само зашто се жени!
Во 21 век не смее да се зборува за правата на жените! Во 21 век треба жените во целост нив да ги уживаат!