Држава под маска

Василица е, денот под маски. За нас ништо ново, едно што е пандемија, а друго што од маските лицето сами не можеме да си го видиме од кога знаеме за себе.
Пишува: Катерина Топалова
1.
Охрид пред сериозна закана да го загуби статусот и да се запише на листата загрозени подрачја. УНЕСКО бара од властите да кажат што направиле за да се донесе финалниот извештај и да се направи одлука. Тоа се истите власти кои уверуваа дека нема да дозволат „бисерот“ да го изгуби светскиот сјај. Тоа е кога од устата ви тече злато а во рацете држите катран. За кога е ставена таа маска? За домашната или за светската јавност? На првиот час на факултетот по новинарски студии беше испишана на таблата мислата на Абрахам Линколн:
„Некои луѓе можете да ги лажете некое време,некои луѓе можете да ги лажете цело време,но сите луѓе не можете да ги лажете цело време”.
Така и со Охрид. Домашните може и можете да ги лажете баш цело време, ама не и УНЕСКО. Цело време не можете да им продавате лаги дека сте одговорни и дека се грижите за сопственото богатство. Во исто време градоначалникот на Охрид кажува дека дрскоста на инвеститорите оди до таму што кога ќе стават жолта лента дека објектот ќе се руши, тие ја тргаат и продолжуваатда работат. Тоа значи дека се е само маска! Ама за кого?
2.
„Добро е преговорите со Бугарија да мируваат додека не поминат изборите!“ Ова е изјава на министерот за евроинтеграции која по неколку дена немаше вредност откако власта го испрати специјалниот известувач, Владо Бучковски на пат за Софија да се сретне со тамошните власти.
Тие денови додека министерот Османи во телевизиско интервју тврдеше дека не добил никаков документ-Анекс со 12 точки, речиси во ист момент Каракачанов и Захариева потврдија за документот и кажаа дека дале рок до кога очекуваат да се исполни.
Кој овде има маска? Една од двете страни не ја говори вистината, ама која?