Министерството на Груби и кичевската болница

Со зграда од 14 милиони евра се пофали првиот Заменик на Претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Во исто време медиумите известуваат за кучиња скитници кои се шетаат по ходниците на кичевската болница каде што се лекуваат и болни од Ковид-19.
Пишува: Катерина Топалова
Го критикуваа, го каменуваа, за него протестираа, упорно не убедуваа дека го грди градот, дека е надвор од сите стандарди и против сите вкусови, за на крај да го доградат и со него да се пофалат. Болката со проектот Скопје 2014 била само зашто на некој друг прв му текнало да го направи. Среќни што можат барем да го доградат-сечеа црвена лента.
За ДУИ овој пасус не важи, оти они се дел од сите процеси, и од оние што градеа, и од оние што протестираа, и од оние што сечеа ленти. И власт и опозиција секогаш! Во секое време!
Министерството со 1410 вработени од кои само 44 одат на работа се наоѓа во строгиот центар на Скопје. Исполнето е со скапи кожени гарнитури, мебел од масивно дрво, уметнички слики и скулптура од Мајка Тереза.
Во време на пандемија, кога цела година се снимаа ПР спотови за редовно миење раце, одржување хигиена, носење маска и држење дистанца, медиумите известија дека во кичевската болница каде што меѓу другото се лечат и паиенти од Ковид-19, кучиња скитници шетале низ ходниците. Ова е слика за т.н. стара зграда на општата болница во Кичево која единствено функционира за тамошните жители. „Новата“ се прави во непосредна близина, почната е во 1989 година и за 31 година има само карабина и прозори кои секоја година се крадат и се местат нови. Во кичевската болница често пати нема греење, па во зимските месеци пациентите се испраќаат дома за да не смрзнат од студ. Во 2014 година е почнато да се доправа „новата“ болница, но не е донесена до стадиум за да биде функционална. Тоа е истата година кога е почнато да се гради и министерството на Груби и сите останати згради и споменици од Скопје 2014-та.
Ова е мала и сиромашна држава каде што луѓето умираат од глад и од нехигиена, од незнаење и немаштија. Ова е земја во која канцелариите на оние кои управуваат со сиромашниот народ се луксузни, се возат скапи автомобили и бесни мотори. Ова е земја на апсурди и парадокси, земја во која се умира за леб и се збеснува од богатство.
Ова е земја во која едни седат на фотелји од кожа од бизон и болници во кои се умира за боца кислород!
Ова е земја во кои сиромашните гласаат за да умрат и за да им дадат можност на богатите да бидат уште побогати!