Фејсбук држава

Социјалните мрежи секаде во светот се доживуваат сериозно, но кај нас се на едно уште повисоко ниво, служат за водење на државата. Заради фејсбук статус се добива и губи работно место, се наоѓа животен партнер и се растура семејство, се лечат тешко болни и се собираат донации, се одлучува дали ќе се прска против комарци или не. На фејсбук се води дебата кога и како ќе учат децата, дали ќе се плаќа повисока цена за струјата и колку гласови ќе се соберат на избори.
Пишува: Катерина Топалова
За забава, за фалење, за критика или за истурање фрустрации…Во Македонија фејсбук стана платформа на која безгласниот доби глас, но гласен е и оној кој мисли дека знае се. Фејсбук стана начин да се биде виден и тогаш кога треба но и кога не треба.
Ако имате мака-пишете таму. Ако имате проблем-тагнете го министерот. Просто е неверојатно со која брзина се реагира.
Само периодов сме сведоци дека тешко болни добија медицинска услуга во рок од неколку часа, а министерот со тоа се пофали и доби безброј лајкови и коментари. Дури и апсењето на Нефи Усеини беше на некој начин поради објавата на фејсбук на оштетениот (кој подоцна се предомисли дека не е жртва).
Но дали со ваквиот начин на водење на државата не се покажува слабоста на системот? Каде се иснтитуциите? Зошто секој проблем го решава еден човек на фејсбук? Имаме ли контрола? Кој и што прави додека луѓе со мака се фотографираат на фејсбук за да бидат видени и да им се помогне?
Каде затајува системот ако фејсбук ја презема силата? Каде се анализите кои треба да не донесат до решението? Од обични административци до академици во МАНУ, која е нивната обврска во системот? Врз база на какви анализи министрите носат одлуки?
Социјалните мрежи треба да бидат помошник-комуникација, односно да го олеснат тоа што некогаш не било достапно, но претажно е ако сите политики ги кроиме според фејсбук расположението.
Со новиот предлог пратениците да работат од дома, можеби треба да се помисли на фејсбук да се води целата работа. Седница да закаже претседателот преку статус, а пратениците да гласаат на истиот начин. Во тој случај секој граѓанин ќе може да биде пратеник и така сите за се знаат и за се коментираат. Македонија се претвори во земја на фејсбук експерти, со фејсбук анализи и фејсбук одлуки.
Но животот не е прекрасен како фотографиите на фејсбук. Реалноста е многу посурова. Фејсбук може да биде помошна, но не и главна алатка ако сакаме да имаме сериозна држава, функционален систем и да живееме во реалноста!