Медицина базирана на докази…и на политика

Лани кога бев во посета на пријатели во Сан Франциско, Калифорнија, низ разговор ме прашаа зошто не размислам да се преселам во Америка и да имам многу повеќе можност за успех. Им реков дека заминувањето од мојата татковина не е едноставен чекор за мене, а тој ме праша: за да одлучиш да живееш каде било во светот клучни се две работи-добро образование и добро здравство. Го имате ли тоа во Македонија?
Катерина Топалова
Нема повеќе ограничувања, нема повеќе карантин и полициски час. Слобода! Колку скапо ќе не чини слободата ако видовме дека немаме свест за колективност? Ќе успее ли секој од нас да се стави во ред и да има сопствена одговорност? Исплашени сме од самите себе оти институциите кренаа раце. Со забрани не беше лесно, ама изгледа е полесно отколку да се воспостави контрола над умот. Сега примената на мерките е оставена на свеста на луѓето, а таа се покажа како исклучително ниска.
Претседателот на Комисијата за заразни болести рече дека државата се надраснала себеси, нашиот систем се покажал во справувањето со коронавирусот. Чудно е олабавувањето на ценетиот доктор ако и самиот вели дека вирусот е овде и работата не е завршена. Охрабрува неговиот став дека и без мерки медицината ќе успее да се избори со Ковид-19.
Олабавувањето на мерките го препорача комисијата која се води од медицина базирана на докази! Од прогласувањето на пандемијата градеа систем со кој се обидуваа да ја амортизираат силата на вирусот и да спасат повеќе луѓе. Но нашиот систем почна да се руши кога на верските лидери им се дозволи да носат одлуки спротивни на препораките на комисијата. За Велигден лижеа иста лажичка во храмовите, за Бајрам се молеа масовно без дистанца. Едните тврдеа дека од светата лажичка заразата не се пренесува, другите го прогласија вирусот за мртов! Ова е таа медицина базирана на докази!
Маски и ракавици се задолжителни во затворен простор зашто вирусот може да биде секаде и не знаете од која страна може да ве нападне, тврдат лекарите. Но политичарите уверуваат дека избори може да има и дека на неколку секунди може да се тргне маската за да се препознае ликот. Тоа не било опасно. Ова е таа медицина базирана на докази…и на политика!
Се протестираше среде полициски час, градоначалникот заборави маската да ја стави за да ја смири разгневената толпа. Се играше оро во Гевгелија додека примерните беа во карантин. Верници секоја вечер правеа групни ифтари за да го празнуваат нивниот ден. Цели населби се „отцепени“ од системот. Не се работи за индивидуалци. Така е и така ќе биде бидејќи системот за казнување одамна не функционира!
Не е чудо што во земјава има толку многу поддржувачи на тезите за завери и непостоењето на Ковид-19, оти од една сериозна работа одговорните прават и поддржуваат парада!
……………………………………………………………………………………………………………………
1968 на Стенфорд во Калифорнија, првпат е пресадено срце. По 52 години и кај нас се случи оваа операција. „За да одлучиш да живееш каде било во светот клучни се две работи-добро образование и добро здравство.“