Ќе се кладиме кој ќе победи на избори

Од денеска се отвараат обложувалници, затворени трговски центри, авто школи, едукативни центри за возрасни и отворени терени за индивидуални спортови. Владата ги попушти мерките таму каде што смета дека е најбезбедно. И спортот е во „lockdown“. Значи останува да се кладиме само кој ќе победи на изборите што ги договараат за месец дена.
Катерина Топалова
Касата е празна. Се што носи пари-прво ќе се отвори. На земја во која затворените шопинг центри и се безбедно место-нема простор за грижа. Градинките ќе почекаат, училиште-нема, најголемиот број од фирмите се уште се дома, администрацијата исто така, па многу сакам да знам на кого ќе ги остават децата на чување тие родители што ќе сакаат да се подноват?
Учебната година ја прогласија за завршена, нема враќање во клупи. Што може-ќе се доучи онлајн. Се научивме да се школуваме на интернет, ама не можеме да се научиме да купуваме од таму. Стручњаците оценија дека децата успешно се стекнуваат со знаења од пред екран, ама анализите им покаажжаа дека нема голема продажба од дома.
Никој не ги спомна библиотеките, безбедни ли се? Или не смеат да бидат отворени оти таму е дувлото на заразата?
Коцката не смее да трпи. Дури сега откако стотици изгубија работни места ќе се чека на денар плус од игрите на среќа и обложувањето. Ама што ќе погодуваат? Откако го осиромашија, народот одамна ја знае омилената боја ако треба да погодува меѓу црно или бело. Црно ни се пишува штом надежта е во коцката.
Се договараат избори. По пет дополнителни минути ќе има секој од нас за да ги убеди надлежните дека клемпавите уши се од маската и дека на ракавиците не е прскано спреј ами извалкани се од употреба.
Ќе стои ли уште знакот #седидома за време на митинзи? Сега веќе „партиски лепачи на плакати“ ќе биде минато, професија од иднината е „партиски редар на митинг“. За познаниците ќе попушта во мерките за дистанца, за оние што не ги знае-ќе мора да следат од далеку.
Известија и дека функционерите нема да одат во карантин пред и по патување во странство. Така и Европските земји почнаа да си се договараат меѓу себе да не ги ставаат во изолација нивните граѓани.
Иако никој не е имун на коронавирусот, изгледа дека тој најмногу ги напаѓа сиромашните. Оние кои ќе мора да платат за да докажат дека се здрави и ќе се изолираат за да не ги заразат оние кои од авион ќе си легнат в кревет дома. Ковид-19 ги напаѓа оние што се обложуваат за да преживеат, оние што гледаат опасност од ширење на заразата во училиштата ама не и во шопинг центрите.
Ги отворија и авто школите, ама нас одмна не вози кој како ќе стигне!